Иако авионот на „Рајанер“ со сериозно оштетен десен мотор и скршен прозорец слета безбедно во Солун, истрагата за инцидентот ја води Македонија, бидејќи настанот се случил во македонскиот воздушен простор, пишува Aero.rs.
Американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) соопшти дека назначил акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне на Македонија во истрагата за сериозниот инцидент со летот на „Рајанер“.
The NTSB has appointed an Accredited Representative to assist the Republic of North Macedonia with its investigation into the Ryanair accident over North Macedonia, Friday.
Per international protocols under the International Civil Aviation Organization’s Annex 13, all…
— NTSB Newsroom (@NTSB_Newsroom) July 10, 2026
Одлуката на НТСБ предизвика внимание, бидејќи авионот полетал од грчкиот аеродром
„Македонија“ во Солун, таму се вратил по дефектот, а леталото и понатаму се наоѓа во Грција за детални технички проверки.
Сепак, според правилата на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) и Анекс 13, истрагата ја води државата над чија територија или воздушен простор се случила несреќата или сериозниот инцидент.
Според досегашните информации, проблемот на летот ФР1879 се случил над територијата на
Македонија, поради што македонските власти се надлежни за водење на истрагата и
донесување на конечните заклучоци, се наведува во текстот на Aero.rs.
Во истрагата, сепак, ќе учествуваат експерти од повеќе земји и компании. Грција ќе биде
вклучена бидејќи авионот се наоѓа во Солун, каде ќе се проверуваат моторот, оштетениот
прозорец, трупот и податоците од летот.

Малта ќе учествува како држава на регистрација на авионот и држава на операторот, бидејќи
летот го извршувала „Малта Ер“, компанија од групацијата „Рајанер“.
САД се вклучени бидејќи станува збор за авион „Боинг 737“, произведен во Америка, а НТСБ ќе обезбеди техничка поддршка. Во анализата ќе учествуваат и производителот „Боинг“ и
компанијата „ЦФМ Интернешнл“, која го произведува моторот ЦФМ56.
Истрагата треба да утврди што точно се случило за време на летот – дали прво дошло до дефект на моторот, кој дел се одвоил, како дошло до оштетување на трупот и поради што се скршил прозорецот во патничката кабина.
Фотографиите по слетувањето покажуваат сериозно оштетување на десниот мотор, додека
снимките од кабината покажуваат скршен прозорец и активирани маски за кислород. Сепак,
истражителите предупредуваат дека овие снимки не се доволни за конечен заклучок.
Ќе бидат анализирани податоците од црните кутии, разговорите во пилотската кабина,
документацијата за одржување на авионот и моторот, како и сите пронајдени делови.
НТСБ нагласи дека, според меѓународните правила, сите официјални информации за текот на истрагата ќе ги објавува Македонија како држава која ја води постапката.
Конечниот извештај нема да го подготвуваат сите учесници заеднички, туку ќе го усвои и објави македонскиот истражен орган, пишува Aero.rs.

Објавена фотографија од Србинот кој висеше од авионот на „Рајанер“
Фотографија од 61-годишниот српски државјанин кој за малку ќе го загубел животот за време на летот на авиокомпанијата „Рајанер“ е објавена во грчките медиуми. Мажот, чие име сè уште не е соопштено, се наоѓа во болница во Солун, каде се опоравува од повредите и шокот по драматичниот инцидент.

Несреќата се случила на летот на релација Солун – Минхен, кога за време на летот дошло до
пукање на прозорец во кабината. Српскиот патник седел до прозорецот, а поради наглата
декомпресија, половина од неговото тело било извлечено надвор од авионот.
Неговиот живот бил спасен благодарение на брзата реакција на сопругата, која веднаш го фатила и го држела додека авионот сè уште бил во воздух. Во помош пристигнале и друга сопатничка и уште еден патник.
„Сè се случи во дел од секунда“ – сведоштво на сопругата
Сопругата на повредениот патник во интервју за грчката телевизија „Мега“ ги опишала
драматичните моменти во авионот.
„Летавме веќе 30 до 40 минути кога одеднаш пукна прозорецот. Мојот сопруг седеше до
прозорецот. Сè се случи во дел од секунда. Поради разликата во притисокот, половина од
неговото тело заврши надвор. Сè леташе низ кабината. Паднаа маските за кислород, а никој не знаеше што да прави. Сите плачеа“, раскажала таа.
Таа објаснила дека среќна околност било тоа што нејзиниот сопруг бил врзан со сигурносен
појас, но дека пресудна била и реакцијата на луѓето околу него.
„Ние две го држевме, а потоа дојде господинот од редот до нас и заедно го влечевме за раката
додека половина тело му беше надвор од авионот“, изјавила сопругата.
Авионот безбедно слетал во Солун
По драмата во воздухот, авионот го променил курсот и безбедно слетал на аеродромот
„Македонија“ во Солун.
По слетувањето, патниците биле евакуирани, а повредениот 61-годишник, како и лицата кои му помогнале во критичниот момент, биле пренесени во болница.
Според грчките медиуми, меѓу кои и „Катимерини“, се истражува можноста дека за време на
спуштањето на авионот дел од оштетениот мотор се одвоил и удрил во прозорецот на кабината, што предизвикало негово кршење.

