На новото кошаркарско игралиште кај „Авионче“ во населбата Ново Лисиче, синоќа се одржа инклузивен натпревар во кошарка во колички, организиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во соработка со Здружението за спортски активности на лица со телесен инвалидитет – Кошаркари во колички „ХОУП СПОРТ“ Скопје.
Настанот се реализираше како интерактивна платформа за промоција на еднаквите можности и инклузија во спортот.
На теренот излегоа две екипи на кошаркари во колички. Играчите на теренот покажаа дека страста кон играта и тимскиот дух се заеднички јазик што ги надминува сите бариери.
Присутните имаа можност да научат повеќе за правилата на кошарката во колички, за техничките вештини како водење на топка и шутирање, како и за специфичните физички предизвици со кои се соочуваат спортистите.
Во рамките на настанот, директорката на Националната агенција Ана Михајлов, градоначалникот на Општина Аеродорм, Дејан Митески и евроамбасадорот Михалис Рокас остварија средба со кошаркарите и останатите учесници, давајќи директна поддршка на оваа иницијатива која ја промовира социјалната кохезија. Низ разговор, учесниците ги споделија своите лични искуства, предизвици и придобивките што спортот ги носи во нивните животи.
Овој настан е дел од заложбите на Националната агенција за градење на поинклузивно општество, каде што секој поединец, без оглед на своите можности, е охрабрен да биде активен учесник во јавниот и спортскиот живот.

