Советот на јавни обвинители се прогласи за ненадлежен по барањето на Здружението на родителите на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Родителите бараа продолжување на мандатот на обвинителката Ивана Алексова Трајчева во Обвинителството за организиран криминал и враќање на предметите за обвинетите полицајци во нејзини раце.

На денешната седница, Советот донесе одлука барањето да биде препратено до Државното јавно обвинителство, посочувајќи дека единствен надлежен за распределба на предметите е државниот јавен обвинител, Ненад Савески.
„Ние го разгледавме тоа нивно барање и донесовме одлука да го испратиме до Јавното обвинителство. Нашата одлука за избор е конечна и извршна и тука не можеме ништо да влијаеме. Тој (државниот обвинител) цени кој јавен обвинител ќе ги работи предметите“, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Башким Бесими.
Ова значи дека конечната одлука дали Трајчева ќе биде вратена на предметот ќе ја донесе државниот јавен обвинител Ненад Савески. Тој својата одлука ќе им ја соопшти директно на родителите на загинатите на средба која треба да се одржи во текот на оваа или наредната недела.
Барањето на родителите беше поднесено непосредно по годишнината од трагедијата. Тие стравуваат дека доделувањето на предметот на нов обвинител, кој ќе мора од почеток да ги проучува обемните докази, ќе доведе до непотребни одложувања и нарушување на континуитетот на судската постапка.
„Трајчева работеше на случајот подолг период и е запознаена со сите негови аспекти. Во интерес на правдата, континуитетот и ефикасноста, сметаме дека нејзиното отстранување од предметот не е во корист на постапката. Јасно и гласно бараме – обвинителката да биде вратена на случајот“, изјави тогаш Александар Наунов, претседател на здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани“.

