
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, најави дека ќе бидат поставени камери и засилени контроли, а сите што фрлаат шут и отпад на недозволени локации ќе бидат санкционирани и казнети согласно со законските прописи.
Како што истакна тој, во рамките на акцијата се расчистувале диви депонии и големи количини отпад, кои повторно се создаваат поради несовесното однесување на поединци и на компании.
Според Јорданов, механизацијата и во наредните денови ќе продолжи со расчистување на целиот потег околу оваа месност.
– Веќе втор ден се спроведува акцијата за чистење на месноста околу селото Шашаварлија и манастирот „Света Недела“, наречена „Генералка викенд“, во координација и во соработка со неколку институции и општествено одговорни компании. Сакам да им се заблагодарам на припадниците на Армијата на Република Македонија, на припадниците на територијалната противпожарна единица, на вработените во ЈП „Исар“, „Стипион“, Општина Штип, сите оние што се вклучија и на општествено одговорните компании за спроведувањето на оваа акција за расчистување на депониите што ги има во месноста и на самата локација. Навистина, ова е еден сериозен проблем, затоа што навиките на несовесните, неодговорни граѓани се причина овие локации да бидат претворени во диви депонии. Ова не е првпат да бидат исчистени локациите и за неколку дена повторно да се создадат депонии – изјави Јорданов.
Тој додаде дека целта е во наредните денови да се продолжи со механизација, да се исчисти практично целиот нанос на шут, на ѓубре, сите диви депонии што ги има околу оваа месност, околу овој дел од градот, а веднаш потоа да бидат поставени камери, да биде вклучена логистика од граѓанските здруженија, од вработените во Општина Штип, во координација со другите институции, да се контролира оваа месност од повторно создавање диви депонии.
Притоа апелираше до сите превозници, до сите компании, до сите несовесни граѓани што ги создаваат овие диви депонии да престанат со таквото девијантно однесување затоа што, како што кажа, Штип не го заслужува тоа.
– Верувам и посакувам да важат законските прописи и час побрзо, преку механизмите што ќе ги поставиме за контрола на оваа месност, да бидат санкционирани и казнети сите оние што фрлаат шут, ѓубре на недозволени локации. Се знае каде е локацијата за фрлање отпад – потенцираше Јорданов.
Како што истакна Александар Арсовски, директор на ЈП „Исар“, со акцијата се дава голем придонес во расчистувањето на дивите депонии и во подобрувањето на животната средина. Тој апелираше до сите граѓани и компании што нелегално фрлаат отпад, да го фрлаат на градската депонија „Трештена скала“, каде што може да се прима таков вид отпад.
Борче Везенков од Општина Штип информираше дека граѓаните и компаниите што ќе бидат фатени на самото место дека ќе бидат казнети согласно со законските прописи.
– Законот предвидува казна од 1.000 до 1.500 евра за правните лица, а 300 евра за одговорното лице во правното лице – нагласи Везенков.
Извор: nezavisen.mk

