Обвинителството бара Александар Ѓорчевски, таткото на Вања Ѓорчевска, кој беше ослободен од првостепениот суд за помагање при грабнувањето на неговата ќерка, да биде осуден. Обвинителот Дарко Јакимовски денеска пред Апелацискиот суд ја презентираше жалбата. Тој рече дека „Ѓорчевски има вина во грабнувањето на Вања“, а како доказ го наведе тоа што им кажувал како да се облечат тоа утро на своите ќерки преку телефонска порака.– Тој ја дал информацијата која не ја знаел никој освен помалата ќерка и сопругата – рече обвинителот.

Во своето образложение Јакимовски рече дека во пресудата нема анализа на доказите.
– Александар има клучна улога од првото, до второто дело. Сè до неделата во попладневните часови, одлука за грабнување на Вања нема. Токму кога е донесена одлуката, Палевски ги повикува Манев и Видевски да дојдат во Скопје. Во моментот кога се во партијата „Десна“, тогаш таткото им праќа порака на децата да се облечат небаре ќе одат на планина. Потоа однесувањето на Александар утредента каде повторувал: „Детето е грабнато и убиено“, по што се упатува накај Качанички пат, по патеката на којашто е однесена Вања во гепек. Тој споменувал: „Да не е постар човек грабнувачот?“. И зошто ако не е виновен, мајката и сестрата на Вања се придружуваат на кривичниот прогон? Ништо од ова судот не анализирал и не заклучил – рече Јакимовски.
Адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ рече дека првичната пресуда на судот е правилна и очекува Апелација тоа да го потврди. Тој рече дека е опасен преседан, тврдењето дека било логично да нема комуникација меѓу Ѓорчевски и другите обвинети за убиствата на Вања и Панче Жежовски. Адвокатот посочи дека Врховниот суд го оценувал случајот и кога би имало „макар еден промил“ доказ за вмешаност на Александар Ѓорчевски, постапката и пресудата би биле поинакви.
…

