Вашингтон – Ракетниот одбранбен штит предложен од американскиот претседател Доналд Трамп би можел земјата во следните две децении да ја чини повеќе од еден трилион долари, се наведува во извештај на Канцеларијата за буџет на американскиот Конгрес (CBO) објавен синоќа, јави ДПА.
Независен буџетски надзорник ги процени вкупните трошоци за „Златната купола“ на околу 1,2 трилиони долари во текот на 20 години, вклучувајќи приближно еден трилион долари само за трошоци за набавка.
Повеќе од две третини од овие трошоци за набавка би произлегле од вселенската компонента на системот, се наведува во извештајот, пренесен од германската агенција.
Трамп го започна проектот на почетокот на својот втор мандат, моделирајќи го според израелскиот одбранбен штит „Железна купола“, но предвидувајќи многу поширок систем способен да пресретнува не само ракети со краток дострел, туку и модерни хиперсонични и ракети со долг дострел и од воздух и од вселена.
Предложениот систем значително би се проширил надвор од постојните капацитети за ракетна одбрана на САД.
Трамп минатата година изјави дека првичните 25 милијарди долари се наменети за започнување на проектот и ги процени вкупните трошоци на околу 175 милијарди долари.
CBO ги базираше своите проценки на извршна наредба што Трамп ја потпиша кратко по преземањето на функцијата. Според оваа рамка, системот би вклучувал регионална и национална копнена одбрана, како и можности за пресретнување преку сателит, потсетува ДПА.

