Во делови на грчкиот остров Крит, уапсени се 20 лица, членови на криминална организација за измами поврзани со европските земјоделски субвенции, со нанесена штета од над три милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција информираа дека од рано утрово во тек е акција за разбивање на конкретната криминална организација чии членови се вмешани во измама на штета на финансиските интереси на Европската Унија, како и во поднесување лажни изјави.
Меѓу уапсените 20 лица во четири различни области на Крит, се и двајца сметководители и тројца одговорни лица во Центрите за поднесување пријави.
– Нелегалната финансиска корист надминува 3.000.000 евра, информираа од грчката полиција и посочија дека со детални информации ќе излезат по завршувањето на акцијата.
Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори пишува дека вкупниот број на инволвирани се проценува на околу 90 лица, а криминалната организација веројатно била активна од 2019 година.
Дејствувала на начин што одговорните лица од сметководственото биро воспоставиле соработка со Центрите за поднесување пријави, кои имале пристап до податоци и ги откривале непријавените земјоделски парцели, потоа ги информирале сметководителите, кои го координирале составувањето фиктивни договори за закуп, а во соработка со приватни производители поднесувале лажни пријави и добивале средства во форма на субвенции од организацијата за европски земјоделски субвенции (ОПЕКЕПЕ).

