
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче денеска беше во посета на Општина Карбинци. По средбите со земјоделци тој изјави дека нема дел од земјоделството во кој нема проблем.
Филипче смета дека има колапс во системот каков што во државата немало во изминатите 30 и повеќе години. Рече дека има тотална негрижа од Владата за сите проблеми со кои земјоделците се соочуваат.
„Прво, зголемени трошоци за производство, цени на ѓубриво, на вода, на работна рака, неисчистени канали, земјата нема од каде да се наводнува, а има систем што е поставен и што е поврзан со системот на езерото Калиманци. Понатаму, немање доволна сума пари за субвенции. Вкупната сума за субвенции е намалена за 40 милиони евра, освен што е намалена не се исплаќаат, субвенциите доцнат. И тоа важи исто така за секој сектор во земјоделието како за производство на тутун, како за сточарите, млекопроизводителите, производителите на ориз“, изјави Филипче.
Филипче рече дека годинава ќе се повтори истата состојба со лозарите како лани, за кои рече дека не можат да врзат крај со крај. Но, според него, слична е состојбата и во другите земјоделски гранки.
„Освен што се ниски субвенциите, освен што се доцни со исплата на субвенциите, откупните цени се страшно ниски. На млекото откупната цена е намалена за 30 отсто од 36 на 23-24 денари. На оризот практично преполовена под 20 денари. А ниту оризoпроизводителите, ниту производителите на млеко немаат каде да го пласираат своето производство. Едноставно откупните центри се фокусирани затоа што тоа државата им го дозволува да купуваат евтини репроматеријали од странство и на тој начин никако не се штити домашното производство“, смета тој.
Филипче посочи дека трошоците за производство се огромни, субвенциите се намалени и доцнат, а откупните цени се намалени или воопшто нема откуп.
Извор: 360stepeni.mk

