Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел нема да се повлече од јужен Либан, по објавувањето на прекинот на огнот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, што наводно вклучува и крај на борбите против Хезболах.
„Премиерот Бенјамин Нетанјаху и јас имаме јасна политика дека Израелските одбранбени сили ќе останат во безбедносните зони во Либан, Сирија и Газа, на неодредено време, за да ја заштитат границата и израелските заедници од таму од џихадистички елементи“, рече Кац во соопштението.
Кац додаде дека овие безбедносни зони ќе бидат „исчистени од локалното население, а целата терористичка инфраструктура, над и под земјата, вклучувајќи ги и куќите во пограничните села што служеле како терористички пунктови, ќе биде уништена“.
Кац истакна дека одржувањето на безбедносните зони е „меѓу најголемите достигнувања на израелската армија“ во војната и дека затоа Израел е против повлекувањето од Либан „и покрај сите постоечки притисоци и оние што допрва доаѓаат“.
„Премиерот Нетанјаху им ги разјасни овие ставови на американскиот претседател Доналд Трамп и на други високи американски функционери, а јас го направив истото вчера, јасно ставајќи му го ова до знаење на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет“, рече Кац, додавајќи дека израелската војска, исто така, поддржува одржување на безбедна зона во Либан.
„Ние нема да ги загрозиме безбедносните интереси на Израел и заштитата на нашите граѓани и нема да се повлечеме од безбедносните зони“, рече Кац. Тој, исто така, предупреди дека „доколку Иран го нападне Израел поради настаните во Либан, одговорот ќе биде силен и со полна сила“.
„Ние сме посветени исклучиво на нашите граѓани и безбедноста на Државата Израел“, рече тој.

