Според Централна банка на Албанија директните странски инвестиции во првите три месеци годинава достигнале 404 милиони евра, што е 11,6 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година.
– Секторот за недвижности останува еден од најголемите придонесувачи за инвестициските приливи. Тоа се должи на зголемениот интерес за албанскиот пазар што беше поткрепено од експанзијата на туризмот во земјата, што услови купување недвижен имот, главно од странци, објавија медиумите.
Другите сектори каде што се концентрирани странските инвестициски текови вклучуваат финансиско посредување, енергија и транспорт.
Директните странски инвестиции, дознаките од иселениците, заедно со приходите од туризам, претставуваат главните извори на прилив на девизи во албанската економија.
Претходно банката соопшти дека во периодот јануари-март оваа година, дознаките, достигнале 274 милиони евра, што е зголемување од 9 отсто во споредба со првиот квартал минатата година. Приходите пак од туризмот изнесуваат 1,4 милијарди евра, што е 130 милиони или 14,8 отсто повеќе во однос на споредбениот период.

