Мојот став е дека систематски владеењето на правото е проблем во перцепцијата на граѓаните, затоа што во суштина и немаме владеење на правото, туку имаме мешетарење во правото, за жал, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски во Отвореното студио на МРТ по повод две години од мандатот на влада.
Премиерот Мицкоски нагласи дека не е задоволен од правосудството, посочувајќи дека очекува расветлување на сите афери за што рече дека само на тој начин може граѓаните да размислуваат за промена на перцепцијата на довербата во судските органи.
-Три работи кои што се случиле во минатото создале таков проблем кој што оставил девастирачки последици на правосудниот систем и мислам дека уште некое време тоа ќе го чувствуваме. Првиот е оној период кога тогашната најголема опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ беше најголема опозициска партија вонпарламентарна, после изборите во 94-тата година или оној познат избор на судии кој се случи во тој период на таа влада 94-98 година. Тоа беше еден целосен процес на партизирање на правосудството од страна на тогашната влада, посочи тој.
Вториот проблем, додаде премиерот, за кој ние мораме да сме свесни и да кажеме дека е имплант во правосудниот систем тоа е СЈО и сите оние состојби кои што му претходеа а потоа следеа.
-Му претходеа оние т.н Пржински договори и преговори во едни други времиња помеѓу 2015-2016 тата година, се изроди тој имплант, се создаде како некаков политички договор и компромис и потоа сето понатаму беше неправо. Една друга влада таа институција ја користеше да биде политичка алатка за вршење политички притисок врз неистомислениците во тоа време опозицијата или пак за реализирање на некакви лични или политички цели, нагласи Мицкоски.
Мицкоски се осврна на работата на поранешното Специјално јавно обвинителство.
-Тука нема да ги коментирам начинот на кој што од затвор тогашната специјална јавна обвинителка практично ги пренесе ингеренциите на државното јавно обвинителство, па потоа претходниот државен јавен обвинител, предпретходниот да бидам попрецизен, ги пренесе тие овластувања до обвинителите кои што доаѓаа од тогаш веќе поранешното СЈО. Се сеќавате како дојде на голема врата поддржано со акламација од меѓународна заедница, во одредена мерка и финансирано од страна на меѓународна заедница со очекувања дека не знам што ќе се случува, дека тие луѓе кои што во суштина покажаа медиокритетски капацитет ќе донесат некаква правда и вредности. И сето сите ние знаеме како заврши тоа, а за да го покажат карактерот на ситни души се оние бонуси за кои до денешен ден останаа нерасветлени. Но, тоа нема да остане туку така и сега да се надоврзам на моите очекувања од сегашниот јавен обвинител, да поминат 100 дена кои што треба секој да ги добие на аклиматизација, запознавање со средината и слично, очекувам сите овие работи за кои сега зборував да бидат расветлени и да бидат пред јавноста обелоденети, рече Мицкоски.
Според него, тогаш јавноста ќе може да почне да размислува за промена на перцепцијата, бидејќи ако останат неразјаснети и нерасчистени тогаш се плашам дека состојбата ќе биде уште полоша и довербата кон тие институции ќе биде уште помала од граѓаните.
-Ова се тие концепти кои оставија длабока трага во нашиот правосуден систем, во минатото и во контекст којшто сега го зборувам е практично основата на неправото кое денеска за жал се случува во могу случаи. Ние како политичка партија сме жртва на такви случаи, се водат политички монтирани процеси до ден денес ние имаме блокиран имот, и затоа денес кога ќе слушнам дека некој нас не обвинува за политички инсталации во правосудството, а истовремено имате блокиран имот поради политички случаи. Точно знам како се случи таа блокада и точно знам како тие случаи магично станаа случаи во едно време на СЈО, кога ние не ги поддржавме оние уставни измени и знам што му пртеходеше на сето тоа бидејќи бев директен учесник, рече Мицкоски.
Тој кажа дека тогаш во просториите на СЈО лично му било пренесено „или ова ќе го направите или ова ќе следува“.
-Не е тоа некоја тајна дека сега првпат ќе кажам нешто ново, но суштината е таа, дека сите тие случаи што се водат се типично монтирани политички случаи. И во едниот случај, нас не суди судија во чија куќа беше штабот на денес опозициската СДСМ. Така што денес уште му се суди на ВМРО-ДПМНЕ иако тие што му судат го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за политички инсталации во правосудниот систем, па дури и некои не нарекуваат дека сме режим. Апсолутно ги отфрлам таквите конструкции но суштината е таа. Ние лично како политичка партија и јас како претседател сме жртви на тие политички монтирани случаи и се уште во 21 век во услови кога политичката моќ на ВМРО-ДПМНЕ е условно кажано најголема, во овој момент сме под жестока тортура на одредени инсталации во правосудниот систем кои се уште ги водат тие полиички мотивирани процеси, нагласи Мицкоски.
На прашање со што биле уценувани осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во тоа време се залагале за уставните измени, Мицкоски посочи дека тоа биле функционери од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, и оти во тоа време владеењето на правото било девалвирано.
-Тоа беа функционери од поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, која во соработка со тогашната актуелна влада на СДСМ и ДУИ работеше токму за ова за кое вие денеска зборувате – тоа е да некои наши сопартијци во тоа време пратеници во македонското собрание кои беа жртва на овие политички монтирани процеси бидат охрабрени да го направат тоа што не требаше да го направат. Тоа се процеси во кои се девалвираше владеењето на правото, се девалвираше демократијата се девалвираа сите оние процеси кои треба да ги имаат демократијата и независноста на една држава, рече Мицкоски.
Тој рече и оти состојбата во ВМРО-ДПМНЕ во тој период не била брилијантна и оти неговите можности за делување биле ограничени.
-Во тоа време јас бев новоизбран претседател, често пати омаловажуван, негиран. Мојата маневарска способност и капацитет во тоа време беа ограничени и можноста за делување беше ограничена, И ова не го кажувам како лично алиби, туку повеќе како личен неуспех да ги спречам тие осуммина наши партиски другари под дејство на сите овие структури и наши поранешни во соработка со тогашната власт уценети да бидат таму да дигнат два прста и да го направат тоа што можеби не требаше да го направат. Но, се додека вистината не излезе во јавноста и сведоштва од страна на тие луѓе, вистината за Македонија нема да се знае, вистинската вистина, а не онаа фабрикуваната со оние т.н. креирани монтирани материјали како резултат на една недозволена операција во рамките на тогашната Управа за безбедност и контраразузбвавање при МВР, заклучи Мицкоски.

