Опозицискиот СДСМ ќе го блокира предложениот Изборен законик во Собранието, бидејќи содржи решенија кои се недемократски и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес, кажа денеска претседателот на партијата, Венко Филипче.
Филипче го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека власта се обидува да воспостави контролиран систем по примерот на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Ваков закон ова Собрание не смее да донесе. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат да имаат фер, демократски изборен процес, а не вака контролиран како што Христијан Мицкоски тргнал да воспоставува по примерот на неговиот ментор, очигледно идол, Никола Груевски. Ние овој закон во Собранието ќе го блокираме“,
рече Филипче на прес-конференција.
Тој потсети дека СДСМ се повлече од работната група за изборните реформи откако власта претходно „шверцерски“ и без консензус го измени Законот за влада, со што еднострано ги смени правилата за функционирањето на пржинската влада која беше воведена со поддршка на САД и ЕУ.
Претседателот на СДСМ образложи три решенија во предложениот текст кои, според партијата, отвораат сериозни сомнежи за фер изборен процес.
Според Филипче, предлогот иселениците да гласаат електронски пред компјутер, без јасни механизми за проверка на идентитетот, отвора огромен ризик од масовни манипулации.
„Тоа отвора ризик за масовно и неконтролирано гласање, исто како што беше тоа за време на владите на Никола Груевски. Тоа е еден систем којшто е многу опасен, којшто отвара врата за изборна манипулација и кражба од страна на оваа власт“,рече Филипче.
Друга забелешка е дека со предложеното решение се уназадува почитувањето на тајноста на гласањето.
Тој рече дека наместо досегашното заокружување на бројот пред кандидатот, предлогот дозволува и поинакво означување на гласачкото ливче. Филипче потсети на минатото кога поранешни функционери бараа од гласачите да заокружуваат со „триаголници“ за да се врши партиска контрола врз нивниот глас.
„Да ве потсетам на разговорите во коишто еден поранешен функционер во владите на Никола Груевски го слушнавме како кажува ’добро тие гласачи нека заокружат со триаголник’ – повторно контрола на изборниот процес, повторно воведување на режимот во овој контекст во делот на гласањето“,
рече Филипче.
Новиот закон предвидува приговорите за нерегуларности да се земаат предвид само ако се внесени во записниците на самите гласачки места. Тоа значи дека доколку некој член на изборен одбор одбие да внесе забелешка, Државната изборна комисија (ДИК) нема да има законска основа да го разгледа целокупниот изборен материјал.
„Приговорите во однос на избирачкиот процес да се важат, да се уважат и да се разгледуваат само доколку според предлогот на новиот закон влезат во записниците, со што се намалува можноста на Државната изборна комисија да го разгледува целокупниот изборен материјал. Односно ако некој партиски војник каже дека некој приговор не може да влезе во записникот, тоа да не може да се смета за соодветен приговор и да не е причина Државната изборна комисија да го разгледува“,рече Филипче.
Во однос на финансирањето, претседателот на СДСМ посочи дека немаат забелешка помалите партии да добијат повеќе пари и парите што ги делат власта и опозицијата, 45-45 проценти да се намали во корист на помалите партии.
Прашан за коментар околу најавената реконструкција на Владата, Филипче рече дека замената нема да донесе ништо.
„Замената на луѓе во ресорите, замената на различни имиња е нешто што е небитно. Замена на курто со мурто и ништо друго. Граѓаните нема да видат никаков бенефит од оваа влада што ја води Христијан Мицкоски“,
рече Филипче.
Тој смета дека се ќе биде статус кво односно квалитетот на живот на граѓаните ќе се намалува особено од септември кога ќе почнат есенските месеци.
„Ќе биде се потешко да се живее. Оваа реконструкција не е ништо друго освен едноставно континуитет на процесот што е започнат пред две години – осиромашување на земјата, богатење на поединци, изолација додека регионот оди напред и напредува“,додаде лидерот на СДСМ.

