Преку програмата на Европскиот механизам за цивилна заштита и оваа година во Грција ќе бидат распоредени пожарникари од различни земји, кои во текот на летниот период, доколку е потребно, ќе им помагаат на нивните грчки колеги во справувањето со пожарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција соопштија дека од 16 јули до 15 септември, вкупно 245 пожарникари од Франција, Молдавија, Романија и Чешка постепено ќе бидат распоредени во оперативните бази на грчката противпожарна служба во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во Солун и во Патра.
– Целта на програмата е да им помогнат на нивните грчки колеги во справувањето со шумските пожари, да се обучуваат заедно со нив во реални услови на терен и во нивните земји да ги пренесат стекнатите искуства и знаења, информираа од Министерството и додадоа дека во рамките на подготовките за овогодишната програма, на крајот на мај бил организиран заеднички едукативен семинар, како и уште еден семинар одржан еден месец подоцна.
Дополнително, во рамките на европската програма, две грчки единици, составени од 21 пожарникар ќе бидат распоредени од 1 до 15 јули 2026 година во јужна Франција, за помош на француските колеги и од 1 до 15 септември 2026 година на Кипар за помош на тамошните пожарникари.
Во конкретната програма оваа година учествуваат 777 пожарникари од 14 земји од Европскиот механизам за цивилна заштита, што, според грчкото Министерство, е најголем број досега.
Освен во Грција, пожарникари ќе бидат распоредени и во Франција, Шпанија, Италија, Кипар и Португалија.
Грција, во програмата за распоредување на странски пожарникари, непрекинато учествува веќе петта година, уште од самиот почеток, а беше и земјата домаќин на пилот-проектот во 2022 година.
Лани во Грција во рамките на програмата, во Грција пристигнаа 323 пожарникари од Австрија, Бугарија, Франција, Молдавија, Романија и Чешка.

