По едночасовно чекање на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница, полициски службеници од Албанија одбиле влез на едно лице во земјата кое патувало заедно со пратениците во македонското Собрание, Беким Ќоку и Аднан Азизи од владејачката партија Влен, но и заменик-генералниот секретар во Владата, Хасим Муртезани, пренесе 360 Степени.
По овој настан, координаторот на Влен, Ќоку во изјава за медиумите рече оти не знае зошто воопшто дошло до ваква ситуација кога сите тројца функционери приложиле дипломатски пасоши. Вели рутински преглед кој би требало да трае пет минути, за нив траел еден час без никакво објаснување, а ситуацијата ја нарече апсурдна и бесмислена.
„Јас, заедно со Аднан Азизи, пратеник, и Хасим Муртезани, заменик-генерален секретар на Владата и неколку други државни функционери имавме работа во Тирана. Кога пристигнавме на „Ќафасан“, тројцата бевме со дипломатски пасоши, она што требаше да биде рутинска контрола која трае само пет минути, за жал албанските гранични службеници нè држеа таму, нè држеа повеќе од еден час без да ни дадат никакво објаснување зошто не можеме да ја преминеме границата, а на едниот од нас кој беше во другиот автомобил му беше забранет и одбиен влез во Албанија. Во моментот кога бевме информирани дека на еден од нашите сонародници му е одбиен влез, решивме да се вратиме, и сè уште не разбираме зошто се случи ова“, рече Ќоку.

