Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали присуствуваше на официјалните свечености организирани по повод 14 Јули – Националниот празник на Француската Република, на покана на францускиот претседател Емануел Макрон.
Од Министерството за европски прашања соопштија дека присуството на министерот Сали на свеченоста претставува потврда за одличните билатерални односи и силното партнерство меѓу Македонија и Франција.
По тој повод, министерот Сали упати честитки до францускиот народ истакнувајќи дека 14 Јули е симбол на слободата, демократијата и европските вредности што ги поврзуваат двете пријателски земји.
Тој изрази благодарност за континуираната поддршка што Франција ѝ ја дава на земјата во процесот на европската интеграција, како и за силното политичко партнерство и билатералната соработка во области од заеднички интерес.
