Како да се спречи странското мешање и манипулациите со информациите. Конкретен одговор на ова прашање нема, а секоја земја различно се обидува да го изнајде вистинскиот модел. Засега не може да се каже кој модел е вистинскиот, кој Македонија би можела да го искористи. Нашата држава може само да учи, од искуствата на другите земји. Главниот канал преку кој се прави манипулација со информациите, се социјалните мрежи.
-Мислам дека ни треба можеби силно ограничување … Можеби не ограничување, меѓутоа посилен пристап кон социјалните мрежи. Затоа што нели, невидлива рака, слободен пазар и слободни информации што се достапни на слободниот пазар. Можам да кажам дека „Резист“ до сега функционирал во Велика Британија и се покажал како доста добар. Секое утро неколкумина со моите колеги коишто сме во истата канцеларија, во 6 часот наутро правиме извештај кои информации доаѓаат од хоризонтот и со кои да се справиме уште од почетокот. Не се справуваме со сè, нешто ќе се протне, но функционира, изјави Џон Мекарон Шипман, служба за комуникации на Владата на Обединето Кралство.
Според светските искуства, најмногу случаи на странско мешање и манипулации со информации има за време на изборите.
-Манипулациите со информациите е глобален предизвик, не е само предизвик за Македонија или за само една конкретна држава. Носам препораки, знаење и искуство од најмалку 50 земји во светот, различни делови од светот. И тоа е она што сакам да го споделам, тоа е глобален предизвик и никој не може да сам да се соочи со овој проблем, изјави Франческа Богери, ОБСЕ/ОДИХР.
Во превенцијата, треба да бидат вклучени сите, од институции, па се до цивилниот и приватниот сектор.
-Секако, многу е важно, од круцијално значење да има институцијална подготвеност за справување со проблемот и заканите од манипулации со информациите. Но, проблемот со манипулациите со информациите е многу поширок проблем, тоа е проблем на целото општество, и бара целосен пристап на општеството. За мене, откако ќе се постават соодветни институционални процедури, за справување со проблемот, следниот чекор е отворање на просторот за дебата и вклучување на цивилниот сектор, академиците и приватниот сектор, изјави Федерико Сикурела од Независен консултант и експерт.
Македонија, како и многу држави во светот не е имуна на ова, а владата со став дека е подготвена за соработка со цел справување и превенција со оваа појава.
-Од она што досега го направивме, а тоа е една неформална група со претставници на институциите, можевме да забележиме дека внатре во рамки на институциите вработените, оние коишто се одговорни во секторите за односи со јавност имаат добро, солидно познавање за тоа што значи странско мешање и манипулација со информации, што е добар почеток. Она што дополнително е како да направиме едно координативно тело коешто навистина ќе се занимава со оваа работа, изјави Марија Митева, портпаролка на Влада.
Инаку, денеска се одржа панел-дискусија во организација на Институтот за комуникациски студии за искуствата на другите држави во борбата против странското мешање и манипулациите со информациите, на која беа споделени моделите и начинот за превенција од оваа појава.

