Скопје, 21 април 2026 – СДСМ тврди дека поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство од правдата, веќе поседува унгарски и српски пасош.
„Последните информации доставени до СДСМ укажуваат дека Никола Груевски веќе поседува унгарски и српски пасош“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ обвинуваат дека доколку овие информации се точни, зад тоа стојат неговите „политички сојузници и заштитници“, премиерите на Унгарија и Србија, Виктор Орбан и Александар Вучиќ, кои, според нив, се „политички ментори на Мицкоски“.
Партијата оценува дека непостапувањето на Владата и одбивањето да се испрати ново барање за екстрадиција претставува, како што велат, „намерно оставање простор“ за Груевски.
„Додека други држави, како Полска на пример, постапуваат брзо, Мицкоски му купува време на Груевски“, наведуваат од СДСМ.
Од таму додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ „не сака да го врати Груевски во Македонија и не сака тој да одговара пред правдата“, оценувајќи дека станува збор за „класична заштита“.

