Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска со протест ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот, на кој ќе побара повисоки плати и подобри услови за работа.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, завчера на прес-конференција повика на масовна излезност, истакнувајќи дека работниците треба јасно да го изразат незадоволството од ниските примања, слабата заштита на работничките права и односот на институциите и работодавачите.
Протестот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат упатени синдикалните барања.
Во фокусот е барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ е неопходен минимум за достоинствен живот.
На протестот нема да учествува Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кои во пресрет на празникот вчера организираа конференција на тема „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.

