
Скопје повторно ја отвора приказната за луна-паркот, овојпат со договор вреден околу 10 милиони евра за изградба на нов современ забавен парк во Градскиот парк.
Проектот му е доделен на „Мастеф“ ДООЕЛ Скопје, која ќе биде задолжена за проектирање, набавка и монтажа на реквизити, како и за партерно уредување и изградба на пропратни објекти. Вредноста на договорот изнесува 621 милион денари, односно нешто повеќе од 10 милиони евра.
Новиот луна-парк треба да биде поголем од претходниот и да понуди дваесетина модерни атракции за деца и возрасни, меѓу кои панорамско тркало, ролеркостер, адреналински реквизити и семејни вртелешки. Планирани се и пешачки зони, зеленило, фонтани и угостителски содржини.
Скопје веќе речиси десет години нема функционален лунапарк, а стариот забавен парк во Градскиот парк беше дел од градската меморија уште од 1973 година. Во изминатите години беа најавувани повеќе проекти и концепти, но реализацијата постојано се одложуваше.
Градските власти очекуваат новиот забавен парк да стане едно од најпосетуваните места во Скопје, особено за време на викендите и летната сезона. Сепак, јавноста очекува проектот да биде реализиран навреме, транспарентно и со високи безбедносни стандарди, особено бидејќи станува збор за простор во рамките на Градскиот парк – една од најважните зелени зони во градот.
Извор: skopje1.mk

