
Предметот го затворив јас како надлежен обвинител на истрагата, рече на брифинг со новинарите, обвинителката во ОЈОГОКК, Катерина Коларевиќ која со тврдење дека немало доволно докази ја затвори истрагата за РКМ, Ратко Капушевски, Асмир Јахоски, Васко Ковачевски и уште 11 други лица во истрагатз спорните набавки на мазут за ТЕЦ Неготино.
Претходно, државниот обвинител Ненад Савески за „Фокус“ потврдил дека од републичкото обвинителство не било побарано мислење за затварањето на истрагата.
Од друга страна, обвинителката во случајот, Катерина Коларевиќ објасни дека државниот обвинител Савески лично бил информиран за епилогот на истрагата.
-Телефонски го известив вчера државниот обвинител за одлуката дека истрагата е затворена. При истраги и при потреба може да се реферира на колегиум на ОЈОГОКК или на колегиум на Државното обвинителство. Лично сметав дека нема доволно докази и решив да ја затворам истрагата, а немав ни потреба од реферирање на колегиумот. Немаше колегиум за истрагата ниту на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, изјави на брифингот, Коларевиќ.
Обвинителството денеска соопшти дека ја затвара истрагата поради недостиг на докази. Истрагата беше отворена по иницијатива на ДКСК, а лани на 10-ти март МВР поднесе и кривична пријава во која беше наведено дека со спорни набавки на мазут била фаворизирана фирмата РКМ на Капушевски при што е направена штета врз буџетот од над 167 милиони евра.

