Француската министерка за здравство Стефани Рист денеска изјави дека сè уште не се познати сите детали за хантавирусот откриен на крузерот „Хондиус“, вклучително и тоа дали тој мутирал, иако официјалните лица во моментот се „релативно спокојни“.
– Постојат нешта што не ги знаеме за овој вирус. Сè уште ја немаме целосната секвенца на вирусот што би ни овозможила со сигурност да кажеме дека тој не мутирал – истакна Рист пред Националното собрание на Франција.
Според Светската здравствена организација (СЗО), засега нема знаци за нешто необично во сојот на хантавирусот на бродот. Жариштето е поврзано со сојот од Андите, поради што официјалните лица се во консултации со Аргентина, каде слично жариште беше ликвидирано во 2019 година.
Досега СЗО потврди девет случаи на зараза и повика на итна изолација на сите сомнителни случаи. Организацијата очекува бројот на заболени да порасне со оглед на многубројните контакти меѓу патниците пред откривањето на вирусот, но нагласува дека засега нема знаци за пошироко распространување на заразата надвор од крузерот.

