Специјалистите по медицина на труд во Македонија, како и во соседните земји, се потпираме на индивидуалната проценка врз одамна застарени законски прописи и правилници, односно доколку лицето ги поминало тестовите за вид, слух, нема дијагнози, лекови итн, тој е “способен” и за тешка категорија со проценет висок ризик дури и на 76 годишна возраст.
Медицината на труд во развиениот свет користи доста посуров, но доста поправеден критериум: Правилото од 1% (Acceptable Risk of Sudden Incapacitation).
Таму дури и најздравиот 76-годишен маж, без никаква историја на болести, според SCORE калкулаторите (како SCORE2-OP) има статистички ризик од над 2% годишно за тежок здравствен инцидент (срцев или мозочен удар).
Овој ризик е двојно поголем од она што светските безбедносни стандарди го сметаат за прифатливо за професионален возач и вакво лице нема право на возачка за тешка категорија возила (Ц,ЦЕ,Д,ДЕ).
За “Б” категорија е до 5% прифатлив ризик, па затоа истото лице ќе смее да вози автомобил.
Постои огромна разлика помеѓу Б и Ц категорија, потенцијалот за штета е огромен и фатален за десетици луѓе.
На балканов правиме проценка само за моментот кога лицето е на преглед. Не гледаме во иднина. Но, човекот може да биде совршен на преглед во јануари, а биологијата да го изневери во март. Кај оваа возраст, трагедија се случува во секунда, без претходна најава. Заради ова е потребно да се користи она што веќе го знае медицинската статистика.
Кога системот би вовел математички прагови на ризици, лекарот нема да биде под притисок на “објективноста” или на работодавачот.
Кога бројките ќе покажат “црвена зона”, системот автоматски блокира и нема повеќе “ама знаеш ти јас кој сум” ..
Мораме да бараме поригорозни протоколи и во нашата држава.
ДР Илчо Ефкоски специјалист медицина на труд

