Комисијата за култура на СДСМ преку писмена реакција упати остри критики до претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, по повод денешното потпишување на меморандум за соработка поврзан со проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Од опозициската партија тврдат дека меморандумот го потпишале функционери кои досега не покажале ниту визија, ниту резултати во своето работење.
„На Орце Ѓорѓиевски му се гуши Скопје во смет, хаос и нефункционалност, додека градот секојдневно тоне во урбан и комунален распад. На министерот Зоран Љутков му протестира речиси цел културен сектор поради катастрофалните политики, кратењата, партизацијата и игнорантскиот однос кон културните работници и институции. И токму тие денес зборуваат за ‘европска културна понуда’ и за визија за Скопје 2028“, реагираат од СДСМ.
Според Комисијата за култура, наместо конкретни проекти за реализација на оваа значајна европска титула, јавноста повторно добива само меморандуми, „ПР-фотографии“ и празни политички пораки. Од партијата потенцираат дека проектот „Скопје 2028“ е сериозен потфат кој бара знаење, стратегија, транспарентност и широка вклученост на културната јавност, а не политички маркетинг и импровизација.
На крајот од соопштението, од опозицијата порачуваат дека граѓаните заслужуваат јасен план, реални инвестиции и луѓе кои знаат да ги решаваат проблемите, нагласувајќи дека „Скопје и културата заслужуваат многу повеќе од функционери кои зад себе оставаат незадоволство, хаос и неуспеси“.
Унапредувањето на културата и туризмот во Скопје е заеднички приоритет околу кој Министерството за култура и туризам и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ја започнуваат својата институционална соработка. Ова следува по денешното потпишување на Меморандум за соработка меѓу министерот Зоран Љутков и претседателот на ЗЕЛС (и градоначалник на Општина Кисела Вода), Орце Ѓорѓиевски, со цел развој на културно-туристичката понуда.
Министерот Љутков преку својата објава истакна дека со овој чекор се отвора ново поглавје во институционалната соработка и дека проектот „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ претставува историска шанса.
„Ова е можност за вистинска трансформација на градот, преку зачувување на културното наследство, афирмација на традицијата и создавање нови современи културни содржини. Со оваа соработка ќе работиме на поголема видливост на културно-историските локалитети, подобра туристичка понуда и унапредување на условите за посетителите во нашиот главен град“, порача Љутков, додавајќи дека целта е Скопје да се изгради како достоинствена Европска престолнина на културата во 2028 година.


