Во регионот на Загреб, во Дубрава, пронајдена е масовна гробница од која се ексхумирани останките на најмалку 29 жртви, соопшти Министерството за хрватски ветерани. Теренското истражување е спроведено во организација на Дирекцијата за притворени и исчезнати лица.
Според достапните информации, станува збор за ликвидации извршени во повоениот период. Прелиминарната обработка на останките на терен утврди дека станува збор за мажи на возраст меѓу 30 и 40 години. Пронајдени се трауми што укажуваат на смрт предизвикана од огнено оружје.
Министерството наведува дека кај сите жртви се пронајдени траги од врзување со жица, што го смета за важен форензички индикатор за околностите на страдањето. Теренското истражување е проследено со антрополошка обработка со цел да се утврдат понатамошни околности на страдањето и други достапни факти за жртвите.
Министерството вели дека ова е уште една локација што го потврдува постоењето на скриени места на страдање од периодот по завршувањето на Втората светска војна на подрачјето на Загреб и Загрепската жупанија.
На подрачјето на градот Загреб, Министерството за хрватски ветерани, во последните 10 години, спроведе серија теренски истраги и ексхумации на локациите на скриени гробови од Втората светска војна и по неа. Во текот на овој процес, откриени се 17 масовни гробници, од кои се ексхумирани останките на најмалку 525 жртви.
Министерството вели дека не пристапуваат кон ова прашање преку идеолошки или политички толкувања, туку преку законската надлежност и обврска на државата да истражува скриени места на страдање
Тие додаваат дека не прават никакви квалификации за тоа дали се невини жртви, бидејќи тоа е професионална, хуманитарна и цивилизирачка постапка, а не политички проект.
Министерството наведува дека по војната, остатоците од членовите на партизанското движење и победничката војска во многу случаи биле евидентирани, погребани на организиран начин и одбележани преку тогашниот систем на воени гробишта, костурници и спомен-места.
Од друга страна, велат тие, голем број други жртви од повоениот период останале скриени со децении во јами, ровови, шуми и други скриени места на страдање, без евидентирано место за погребување и без можност за достоинствен погреб.

