Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска објави дека од ноќеска нуклеарната централа Запорожје привремено останала без надворешно напојување, што е 16-ти пат од почетокот на воениот конфликт во Украина.
МААЕ во објава на Икс соопшти дека дизел генераторите за итни случаи автоматски се вклучиле за да обезбедат напојување на клучните безбедносни системи за време на едночасовниот прекин на електричната енергија, по што централата била повторно поврзана со единствениот преостанат далновод.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, изјави дека причината за инцидентот сè уште не е позната, но дека овој настан покажува дека безбедноста на нуклеарните постројки останува многу нестабилна.
„Овој инцидент потврдува дека нуклеарната безбедност е сè уште многу кревка“, нагласи Гроси.

