
Во интервју за „Нова Македонија“ Костадиновски се осврнува на улогата и предизвиците на Уставниот суд во изминатите 62 години, оценувајќи дека институцијата не ги оправдала целосно очекувањата. Тој посочува дека имало периоди кога Судот бил „прекумерно компромисен со политиката“, па дури и „наликувал на подрачна единица на Владата“, но и периоди на вистинска независност.
– Одговорот на прашањето дали Уставниот суд успеал да ги оправда очекувањата е едноставен. Одговорот е не или, во најмала мера, не ги оправдал целосно очекувањата. За да се тврди тоа компаратор е состојбата со владеењето на правото и правната држава, како и историски најниската доверба на граѓаните во целокупниот државен апарат. Токму затоа од првиот ден како претседател на Судот преземам мерки и активности за нештата да бидат суштински променети – вели тој.
Според него, во последните две години се забележува промена – Судот е поактивен и поприсутен во јавноста, што, како што вели, создава „нервоза кај политиката и кај некои државни органи“.
– Тоа значи само едно, дека Судот излегол од летаргијата и дека добро си ја врши работата – истакнува Костадиновски.
Говорејќи за притисоците, Костадиновски потврдува дека тие постојат, но ги поврзува со „уставноправна и политичка некултура“.

