Европската унија денеска ќе го помести во следната фаза обидот на Украина за членство по долго одложување. Заедно со Украина министрите за надворешни работи на ЕУ ќе дадат зелено светло за почеток на преговорите по кластери со Молдавија. А се очекува да бидат привремено затворени уште две поглавја во преговорите со Црна Гора.
Напредокот на Украина беше заглавен околу две години, бидејќи националистичкиот лидер на Унгарија, Виктор Орбан, стави вето на целиот напредок, но неговиот изборен пораз од ривалот Петер Маѓар во април го отвори патот.
„Ова е признание за решителноста, храброста и напорната работа што ја покажаа двете земји во унапредувањето на реформите, дури и во услови на огромни предизвици“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во заедничка изјава со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Во свет обележан со растечка неизвесност, поголема Европска унија е во наш заеднички интерес“.
Клучната работа за пробивот на Украина кон преговорите (со неа и на Молдавија, бидејќи одат во пар) се отстапките што ги направи Киев во разговорите со новата влада во Будимпешта за правата на унгарското малцинство во Украина.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар објави на Икс на 12 јуни дека двете земји формализирале сеопфатен договор со кој се штитат правата на етничкото унгарско малцинство што живее во Закарпатието, само три дена пред денешниот министерски состанок.
Маѓар потврди дека украинската влада издаде формална дипломатска нота со која се обврзува на целосно спроведување на одредбите од договорот. Киев ги вгради овие обврски во својот Акциски план на ЕУ за малцинствата.
„Историскиот договор меѓу Унгарија и Украина за образовните, културните, јазичните и политичките права на унгарската заедница во Закарпатието сега е формализиран“, напиша Маѓар на социјалните медиуми.
Бидејќи договорот сега е поврзан со рамката за пристапување на Украина во ЕУ, и Европската комисија и Европскиот совет активно ќе го следат усогласувањето на Киев. Маѓар предупреди дека ако Украина не ги исполни своите обврски во врска со правата на малцинствата, понатамошниот напредок во процесот на пристапување во ЕУ може да биде блокиран.
Спорот околу правата на малцинствата доминираше во унгарско-украинските односи во изминатата деценија. Претходните влади во Будимпешта постојано тврдеа дека украинското законодавство во врска со државниот јазик и образованието сериозно ги ограничува правата на околу 100.000 етнички Унгарци кои живеат во Закарпатието.
Според новите услови, Украина се согласи на сеопфатно враќање на основните права за малцинското население. Клучните отстапки вклучуваат враќање на систем на училишта за етнички малцинства каде што учениците можат да го користат својот мајчин јазик во сите образовни услови, вклучително и за време на официјалните испити, како и дозволување на етничките унгарски ученици и членови на заедницата слободно да ги користат унгарските национални симболи и знамиња за време на прослави и јавни настани.
Со потпишаниот политички договор, Унгарија ја укина својата долгогодишна закана со вето и официјално се согласи да го поддржи отворањето на првиот преговарачки кластер за пристапување на Украина во ЕУ.
Сепак, процесот на пристапување на Украина кон ЕУ автоматски ќе биде запрен доколку не се почитува договорот за правата на националните малцинства. Ова го објави унгарската министерка за надворешни работи и трговија, Анита Орбан, по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, објави „Телекс“
Таа изјави дека, по неколку недели интензивни преговори, Будимпешта и Киев склучиле билатерален договор со кој се гарантираат правата на унгарското малцинство во Закарпатието. Орбан нагласи дека случувањата од минатата недела резултираа со вклучување на овој договор во процесот на пристапување на Украина кон ЕУ.
Според Орбан, еден од средните чекори во првиот кластер ќе биде спроведувањето на украинско-унгарскиот договор.
„Ова значи дека доколку Украина не се придржува до овој договор, преговорите за пристапување во рамките на првиот кластер автоматски ќе бидат суспендирани“, рече унгарската министерка за надворешни работи.
Таа нагласи дека почитувањето на договорите ќе се следи и во билатерален и во мултилатерален формат.
Унгарската монистерка за надворешни работи, исто така, нагласи дека Будимпешта ја поддржува сегашната методологија за преговори за пристапување, која се заснова на принципите на перформанси и реформи.
Овој регион по Првата светска војна и распадот на Австро-унгарската империја велезе составот на Чехословачка и и беше познат како Карпатска Рутенија или Транскарпатија. По Втората светска војна Советскиот Сојуз го анектира и го приклучи на Украина.
И покрај пробивот, Маѓар предупреди дека отворањето на првиот кластер е само почеток на она што веројатно ќе биде долготраен процес, можеби 10 до 15 години. Тој ја посочи Црна Гора, која ги започна своите преговори за пристапување во 2012 година и сè уште не постигнала полноправно членство.
Дипломатската резолуција е голема победа во надворешната политика за Маѓар, кој ја искористи објавата за да направи контраст помеѓу неговата нова администрација и претходниот режим.

Поранешниот премиер Виктор Орбан често го користеше прашањето за правата на малцинствата за да ја блокира интеграцијата на Украина и во ЕУ и во НАТО, впуштајќи се во долготрајни, но на крајот неуспешни преговори.
„За само неколку недели, успеавме да решиме прашање кое владата на Орбан не можеше да го реши десет години“, изјави Маѓар, нагласувајќи ја способноста на неговата влада брзо да ги обезбеди долгогодишните унгарски барања без бесконечно да ја парализира регионалната дипломатија.
Претходно Киев успеа да ги смири полските загрижености во врска со преговорите на Украина. Комесарката на ЕУ за проширување, Марта Кос, го посети Киев минатата недела за да се сретне со вицепремиерката Јулија Свириденко и високи функционери за да разговараат за напредокот во реформите и приоритетите за поддршка на ЕУ, вклучително и подготовките за претстојната зима.
Кос им рече на новинарите дека полските приговори за понатамошно напредување на преговорите за пристапување на Украина „се решени на работно ниво“, отворајќи го патот за земјите од ЕУ да се согласат да го отворат првиот кластер разговори „Основи“ на 15 јуни.
Иако Полска и Франција не го блокираат почетокот на преговорите, нивните резерви се фокусираа на секторите каде што најмногу се плашат од украинската конкуренција – земјоделството и патниот транспорт, особено земјоделството и камионскиот превоз.
Според „The Ukrainian Review“, Полска и Франција наводно сакале да ги одложат преостанатите пет кластери од кандидатурата на Украина за ЕУ. Нивниот став бил да се избегне нивното отворање барем до есен, но многумина инсистираат на побрзо отворање.
„Апсолутен приоритет е отворањето на кластерите“, рече Кос, додавајќи дека очекува преостанатите пет да бидат отворени до средината на јули.
Пречките што ги поставуваат Полска и Франција, како и другите земји од ЕУ, не се поврзани со критериумите за членство во ЕУ, туку со домашни политички прашања.
„Не сакаме да видиме билатерални прашања што се мешаат во процесот на пристапување“, рече Кос, додавајќи дека „Се надеваме дека земјите ќе можат да ги решат билатералните прашања на билатерално ниво“.
Марта Кос во Киев ја нагласи и потребата од одржливи реформски напори и политичко единство преку партиските линии.
Приватно, претставниците на ЕУ се загрижени дека нестабилноста во Врховната рада, украинскиот парламент, го попречува напредокот и дека темпото на реформите е забавено од минатата година, особено по фијаското околу антикорупциското законодавство. Оттогаш, обвинувањата за корупција стигнаа до внатрешниот круг на Зеленски и до неговиот моќен шеф на кабинет Андриј Јермак. Тој потоа мораше да замине и е предмет на истрага. (Љ.П.)

