
Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека телефонскиот разговор со премиерот во врска со предметот „Мазут“ не го доживеал како притисок, оценувајќи дека станува збор за интерес што произлегува од институционалната улога на Владата.
Во гостување на тв Телма, Савески нагласи дека на секој повик одговара и дека во конкретниот разговор не било побарано од него да дава извештаи или детали за предметот.
Тој појасни дека интересот на премиерот го поврзува со фактот што државната енергетска компанија ЕСМ е правно лице во државна сопственост, па како таква може да има интерес за исходот на постапката.
Савески додаде дека во комуникацијата не почувствувал елемент што би укажувал на притисок врз обвинителската работа, оценувајќи дека станува збор за „природна реакција“ на функционер кој има интерес за прашање поврзано со државен капитал.

