Градежните активности на терен се одвиваат сè поинтензивно на изградбата на стратешкиот автопат Прилеп – Битола, кој е дел од Коридорот 10Д. Овој крупен инфраструктурен проект има за цел да го поврзе целиот регион и да отвори нови економски можности, при што со неговото завршување патувањето од Скопје до Атина ќе се намали за 3 до 3,5 часа, соопшти заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Според информациите што вицепремиерот ги сподели на својот официјален Фејсбук профил, придружени со видео од градежните работи, ова во моментов е најдолгата поединечна делница на автопат што се гради во државата. Владината цел е веќе во првата половина на 2027 година да бидат пуштени во функција првите 10,5 километри, а во текот на истата година сообраќајот по целата должина на трасата од 40 километри да биде овозможен по најмалку една коловозна лента.
Новата патна артерија се очекува да донесе многу повеќе деловни можности и поголем број туристи за целиот јужен регион во земјава.
„Овој автопат ќе значи побезбеден и побрз сообраќај, подобра поврзаност, поголема конкурентност на стопанството и силен поттик за економскиот развој на Пелагонија. Пелагонија е еден од најважните региони во Македонија и затоа инвестираме во модерна инфраструктура што ќе обезбеди подобар живот за граѓаните и нови перспективи за идните генерации. Ја градиме Македонија“, истакна министер за транспорт Александар Николоски во својата објава.
Со реализацијата на овој стратешки правец, покрај регионалното поврзување, значително ќе се олесни и домашниот транспорт на стоки и патници, што според очекувањата на Министерството за транспорт ќе даде долгорочен и силен поттик на вкупниот домашен бруто-производ и на модернизацијата на патната мрежа низ државата.

