Топлотниот бран што ја зафати Европа е само „генерална проба“, а најлошото допрва претстои, предупреди денеска регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, цитиран од ДПА.
„Летата што претстојат ќе бидат потешки“, прогнозира Клуге во соопштението.
Тој предупреди дека Европа се затоплува повеќе од два пати побрзо од глобалниот просек и дека топлотните бранови повеќе не се исклучок, туку повторувачки кризи што стануваат почести, поинтензивни и подолготрајни.
„Секое лето во кое не сме подготвени за нив (топлотните бранови) нè чини животи“, рече Клуге.
Тој истакна дека во Франција, повиците за итна медицинска помош се зголемиле до 50 отсто во некои градови, а во Лондон, службите за итни случаи го регистрирале најголемиот број опасни по живот итни повици во еден ден.
Системот за следење на смртноста во Шпанија веќе регистрирал повеќе од 300 смртни случаи поврзани со жештините за само неколку дена.
Италија пријави пет смртни случаи за 24 часа.
Но, Клуге нагласи дека „превентивните мерки даваат резултати“ и наведе примери за успех во справувањето со жештините.
Шпанскиот град Барселона ја прошири својата мрежа на климатски засолништа за да вклучи библиотеки, општински центри, паркови и аптеки. Париз го активираше својот регистар за проверка на здравјето на постарите и ранливите жители и ја ограничи продажбата на алкохол. Некои региони во Италија воведоа ограничувања за работа на отворено во најжешките часови од денот, како и шеми за доброволно работно отсуство за да не ги изгубат своите приходи работниците.
Клуге повика на порешителна акција. „Повеќе од половина од европските земји сè уште немаат сеопфатен акциски план за заштита на здравјето при топлотни бранови. Ова мора да се промени“, додаде Клуге.

