Белград – Српската армија и НАТО од вчера ја почнаа првата заедничка воена вежба што ќе трае до 23 мај на која ќе се вежбаат тактики, техники и процедури што се применуваат во операциите за поддршка на мирот. Вежбата се одржува во базата „Југ“ и на полигонот „Боровац“ во близина на Бујановац, соопшти Министерството за одбрана на Србија.
Вежбата е во организација на Командата на армијата на Србија и Командата на здружените сили од Неапол, а во неа учествуваат околу 600 припадници на српските вооружени сили и вооружените сили на Италија, Романија и Турција.
Присутни се и воени планери и набљудувачи од Велика Британија, Италија, Германија, Романија, САД, Србија, Турција, Франција и Црна Гора.
Раководител на вежбата е полковник Бранислав Стевановиќ, заменик-командант на Третата бригада на копнената армија на Србија.
Српското МО нагласува во соопштение дека вежбата претставува продолжување на соработката меѓу Србија и НАТО во рамките на програмата на НАТО „Партнерство за мир“.
Србија е членка на програмата на НАТО „Партнерство за мир“ од 2006 година, но инсистира на воена неутралност.
Откако Русија започна воена инвазија на Украина во февруари 2022 година, Србија воведе мораториум за одржување воени вежби со странски партнери.
Сепак, имаше исклучоци, како што се воените вежби „Платински волк“ во 2023 и 2025 година, кои беа одржани со вооружените сили на САД и неколку други членки на НАТО. Покрај вежбите со вооружените сили на САД, во кои учествуваа и некои други членки на НАТО, српската армија одржа и воени вежби со кинеската армија.
Во јули 2025 година, во кинеската покраина Хебеј на северот од таа земја беше одржана десетдневна обука на специјални единици на армиите на Србија и Кина, и покрај предупредувањето од Брисел до Белград.

