Претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Трајче Стојчевски, преку прес-конференција упати јавен повик до Владата и премиерот Христијан Мицкоски итно да распишат референдум за ЕУ. Стојчевски порача дека младите не прифаќаат изговори оти во буџетот нема средства за организирање на изјаснувањето, обвинувајќи ја власта за нетранспарентно и расипничко трошење.
Тој потенцираше дека опозицискиот подмладок со месеци предупредува на недостиг на пари во државната каса, тврдејќи дека буџетските средства се трошат на, како што рече, „криминални тендери за полнење на џебовите“ на структурите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога има пари за тендери, за нов авион и за луксузен живот на Мицкоски и неговата група — мора да има пари и за одлука за судбината на младите, на државата и на сите граѓани“, истакна претседателот на СДММ.
Критика за изолацијата и функционерите со бугарски пасоши
Осврнувајќи се на изјавите на премиерот дека земјата е подготвена да ја „плати цената“ и да чека за членство во Унијата, Стојчевски реагираше дека цената за изолацијата нема да ја платат владините функционери, туку новите генерации.
„Мицкоски нема да ја плати цената, неговите пајташи во Владата со бугарски пасоши кои веќе си обезбедиле ЕУ исто така нема да ја платат цената. Најскапа цена ќе платат младите кои ќе продолжат да се иселуваат. Македонија ќе остане без млади, без народ, без иднина“, обвини Стојчевски, додавајќи дека е недозволиво граѓаните да чекаат со часови по границите додека функционерите и нивните семејства поседуваат европски документи.
Барање за референдум и повик до власта да не бега
Според лидерот на СДММ, ова не е прашање на една политичка партија или подмладок, туку прашање што ги засега сите млади луѓе во Македонија кои имаат право самите да кажат по кој пат ќе се движи државата бидејќи тие ќе ги носат последиците од денешните одлуки.
„Младите не сакаат Мицкоски да одлучува во нивно име, да им ја крои капата, а со тоа и иднината во заглавена и изолирана земја. Затоа распишете референдум. Не бегајте од граѓаните, не бегајте од младите. Ние не сакаме да плаќаме цена, ние сакаме европска иднина“, порача Стојчевски на крајот од прес-конференцијата.

