Бугарската претседателка Илијана Јотова се очекува денеска да го врачи мандатот за составување влада, јави БТА.
Во вторникот, по завршувањето на консултациите со парламентарните групи, Јотова соопшти дека мандатот ќе биде врачен на 7 мај во 17 часот. За време на средбите се издвоиле неколку теми што политичките сили ги сметаат за клучни приоритети – буџетот, судските реформи и исплатите од Планот за закрепнување и отпорност.
„Најважните приоритети се заеднички. Заеднички беше и ставот дека треба да се започне со буџет за само половина година, со кој ќе се прекине инфлаторната спирала и ќе им се помогне на најранливите и социјално загрозените граѓани“, изјави тогаш шефицата на државата.
Според бугарскиот Устав, претседателот, по консултации со парламентарните групи, му го доверува мандатот за составување влада на кандидат за премиер предложен од најголемата парламентарна група.

