
Во 2025 година, вкупно 17 мерни станици низ Европа регистрирале концентрации на честичките ПМ 2.5 над тековната годишна гранична вредност на ЕУ. Иако е мала земја, во Македонија се наоѓале дури девет од тие 17 критички мерни точки низ стариот континент, што само по себе е загрижувачки колку македонските граѓани се трујат со разни отрови, сврзани со најситните честички, кои навлегуваат длабоко во белите дробови и во крвотокот, а доаѓаат од фосилни горива, индустрија, сообраќај, биомаса и пожари.
Најновите европски податоци покажуваат дека највисоки локални просечни концентрации на ПМ 2.5 во периодот 2024-2025 се регистрирани во јужна Италија. Местата Чеље Месапика и Торкијароло достигнале 117 и 113 микрограми на кубен метар, далеку над сегашната годишна граница на ЕУ од 25 микрограми на кубен метар.
Проблемот, сепак, не е само италијански. Освен Италија, над граничните вредности се најдени региони во Полска, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Романија, Турција, па дури и на една локација во Копенхаген.
Еуроњуз, повикувајќи се на извештајот на ЕЕА, наведува дека меѓу најизразените „црвени точки“ во Европа се Сараево и индустриските подрачја во Македонија.
Македонија одамна не е случајна фуснота во европските извештаи за аерозагадувањето. Таа е дел од балканскиот и источноевропски појас во кој загадувањето не е само резултат на една лоша сезона, туку на комбинација од енергетика, сиромаштија, неедуцираност, урбанистички хаос, греење на цврсти горива, индустриски жаришта, стар возен парк, како и корупција и институционална неефикасност.
Токму во Балканот и Источна Европа се регионите со највисока проценета стапка на смртност на 100.000 жители поврзана со долготрајна изложеност на ПМ 2.5 честички.
„Зелен хуман град“: Корупмпираните партии го убиваат народот
Коментирајќи го извештајот на ЕЕА, иницијативата „Зелен хуман град“ вели дека Македонија се нашла меѓу државите со најнизок квалитет на воздухот и државата со најмногу смртни случаи.
„Покрај здравствените животозагрозувачки последици на безброј македонски граѓани, од кои најпогодени се децата, официјалните статистики од Европа дека илјадници граѓани умираа на годишно ниво, централните и локалните власти немаат намера да воведат било какви мерки да го спречат аерозагадувањето. Напротив, континуирано, без сериозно противење од било која ‘опозициска’ партија во Собранието се носат закони кои дополнително ја туркаат Македонија надоле во ‘трката до дното’ за привлекување на странски капитал кој доаѓа само за да ги експлоатира ниските стандарди во работничките права и заштита на животната средина“, реагираат од „Зелен хуман град“.
Оттаму како „црни примери“ ги даваат измените во Законот за контрола на индустриски емисии со кои загадувањето стана „деловна тајна“, но и актуелните измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, со кој, како што велат, на моќници им се овозможува веднаш да започнат со експлоатација на земјата, без никаква анализа за правната состојба на земјиштето последиците на животната средина и здравјето на граѓаните грижа за животната средина.
„Поднесовеме стотици предлог-мерки до локалната власт во Град Скопје преку своите претставници во Советот, но и до централната власт од кои надлежните институции немаат имплементирано ниту една“, стои во реакцијата.
Извор: slobodenpecat.mk

