Грчкиот митрополит Амфилохиј предизвикал скандал во бугарската црква „Свети Ѓорѓи“ во Одрин откако испратил двајца свештеници и наредил литургијата да се служи на грчки наместо на бугарски јазик, објави BGNES. Одборот на доверители на Фондацијата на православни цркви на Бугарската егзархија во Истанбул ја одбил замената и ја откажал литургијата, а во црквата била прочитана само молитва.
Службата била закажана за 9 мај по повод црковниот празник. Бугарските православни христијани се собрале во црквата за тоа. Првично, литургијата требало да се одржи на бугарски јазик. Сепак, грчкиот митрополит Амфилохиј од Истанбул испратил двајца свештеници и објавил дека службата ќе се одржи на грчки јазик. Бугарската делегација веднаш се спротивставила.
„Во име на бугарската заедница во Истанбул, дојдовме тука за да ја одржиме нашата традиционална прослава. Ние сме заедницата на оваа црква, ние сме нејзини сопственици. Меѓутоа, кога пристигнавме, преку свештеници испратени од митрополитот од Одрин, бевме информирани дека не можеме да ја служиме литургијата на бугарски јазик. Наместо тоа, ни беше кажано дека ќе има служба со грчки свештеници. Ние не го прифативме ова“, рече Димитри Јотеф.
Тој нагласи дека „Свети Ѓорѓи“ е бугарска црква и службите мора да се одржуваат на бугарски јазик.
„Како одбор на директори, донесовме јасна одлука. Од денес ја затвораме црквата за литургии сè додека не се дозволат служби на бугарски јазик. Исто така, одлучивме да му забраниме на митрополитот да влегува во црквата сè додека не се дозволат служби на бугарски јазик“, рече Јотеф, додавајќи дека лично не може да разбере зошто се случува тоа.
„Кој е проблемот со Харалампи Ничев? Тој е свештеник на Вселенската патријаршија, тој дојде тој ден да служи. Имаше договор и пред тоа, колку што видовме од снимките. И затоа сме збунети – каков е овој проблем, кога 150 Бугари дојдоа таму, да се дозволи литургија да се служи на бугарски јазик?“, рече тој.
За разлика од бугарското малцинство, партијата на етничките Македонци во Грција „Виножито“ седум години чека одговор на писмото испратено до Вселенскиот патријарх со барање да се воведат богослужби на македонски јазик во северниот дел на Грција, каде тој има надлежност. До реакцијата на оваа партија дојде по неодамнешното обраќање на Вселенскиот патријарх во грчкиот парламент. Тој во обраќањето, кое е прво пред пленарниот состав по цели 27 години, упати порака за мир и единство. Во писмото испратено пред седум години Македонците од Вселенскиот патријарх побараа да има црква во Грција во која богослужбите ќе се изведуваат на македонски јазик.
Во писмото на кое на својот Фејсбук профил потсети Павле Воскопулос – Филипов, еден од лидерите на Македонците во оваа соседна земја наведува дека се бара литургиите да се изведуваат на нивниот мајчин современ македонски јазик, кој припаѓа на поширокото семејство на јужнословенски јазици, и со азбуката измислена од Свети Кирил и Методиј.
„Со ова писмо сакаме да ги земеме предвид важните прашања и, истовремено, барањата кои се однесуваат на нас православните христијани од малцинството етнички Македонци во Грција. Бараме да има црква на нашиот мајчин современ македонски јазик, која припаѓа на поширокото семејство на јужнословенски јазици, азбуката измислена од Свети Кирил и Методиј. Конкретно, посакуваме Божествената Литургија да се одржи на современ македонски јазик, барем во некои недела во областите на Грција каде живееме православни христијани, етнички македонски грчки граѓани- наведе тогаш Воскопулос во својот допис.
Во своето обраќање Воскопулос објаснува дека за жал, на локалните домашни македонски православни христијани од Новите земји по 1913 година поради прогони и забрани им се ограничени многу човекови права од јавниот живот.
„Од почетокот на минатиот век Црквата, Државата и парадржавата во Грција понекогаш молчи а понекогаш со отворено насилство, закани и заплашување ни го сменија јазикот, нашите имиња и националниот идентитет. И денес сме жртви на тивко непријателство и нетолеранција на значителен дел од свештенството на Метрополисите на новите земји и токму затоа ви се обраќаме директно преку нашиот политички носител „Виножито“. Знаејќи дека Метрополисите на новите земји на Северна Грција се подложени на ваша надлежност, ве молиме да интервенирате и да ги прифатите нашите барања“ – се потенцира во обраќањето.
Воскопулос тогаш додаде дека по ратификацијата на Преспанскиот договор меѓу Грција и Република Северна Македонија веруваат дека е време да ставиме крај на неправдата кон локалното малцинство на Македонци.
„Тие православни христијани, Македонци по националност, ги почитуваат Метрополисите на Новите Земји. Да најдеме решение за нашите верски обврски што се однесува до нашиот јазик преку искрен дијалог од сите страни. Ви посакуваме да не прегрнете со топлината„ – се наведува во писмото.
