7
Гренландскиот премиер нагласи дека островот мора да се подготви за можен напад по сè почестите изјави на американскиот претседател за припојување на оваа данска територија.
Трамп повеќепати истакна дека преземањето на Гренланд е клучно за американската безбедност, а Белата куќа на почетокот од годината не ја исклучи можноста за употреба на воена сила, што предизвика загриженост кај жителите на Гренланд и ги стави НАТО-сојузниците во незгодна позиција. Неговото инсистирање на анексија на Гренланд ги затегна односите на САД со сојузниците во НАТО. Американскиот претседател тврди дека САД имаат легитимен интерес за контрола врз Гренланд со цел да го зајакнат своето влијание на Арктикот, регион со сè поголемо стратешко значење поради зголеменото присуство на Русија и Кина.
Оваа идеја не ја поддржуваат европските партнери, а ѝ се противи и мнозинството Американци. Истражување спроведено од „YouGov“ и „The Economist“ кон крајот на јануари, на примерок од 1.684 Американци, покажа дека само 13 проценти од испитаниците поддржуваат употреба на воена сила за преземање на Гренланд, додека 32 проценти би поддржале купување на таа територија.
Нилсен за Ен-Би-Си Њуз изјави дека гренландската влада ги повикала граѓаните на претпазливост и подготовка на резерви од храна, вода и топла облека за најмалку пет дена. „Ако се одлучат за напад врз нашата инфраструктура, секако мора да бидеме подготвени“, порача тој. На прашањето дали добил гаранции дека НАТО, во случај на инвазија, би војувал против САД, исто така членка на Алијансата, Нилсен одговори дека не знае дали НАТО би гарантирал такво нешто.
Членот 5 од Северноатлантскиот договор предвидува дека напад врз една членка се смета за напад врз сите.
Земјите од НАТО јавно изразиле целосна поддршка, рече тој, но додаде дека одбраната од страна на Алијансата е сложено прашање на кое е тешко да се даде јасен одговор. Нилсен исто така истакна дека граѓаните на Гренланд не се чувствуваат безбедно и дека се исплашени поради изјавите на Трамп.
Трамп минатата недела на социјалната мрежа „Truth Social“ го критикуваше НАТО поради Гренланд, во време на војната со Иран. Претседателот е фрустриран бидејќи сојузниците одбија да ги поддржат американските операции на Блискиот Исток, па не ја исклучи можноста за излез од воениот сојуз.
„НАТО НЕ БЕШЕ ТУКА КОГА НИ ТРЕБАШЕ, И НЕМА ДА БИДЕ ТУКА АКО ПОВТОРНО НИ ЗАТРЕБА. СЕТЕТЕ СЕ НА ГРЕНЛАНД, ТОА ГОЛЕМО, ЛОШО УПРАВУВАНО ПАРЧЕ МРАЗ!!!“, напиша Трамп.
Уште во јануари, на истата мрежа објави дека САД им е потребен Гренланд „поради националната безбедност“, опишувајќи го како „клучен дел од Златната купола што ја градиме“. „НАТО треба да ни овозможи да го преземеме. АКО НЕ, ТОА ЌЕ ГО НАПРАВАТ РУСИЈА ИЛИ КИНА, А ТОА НЕ СМЕЕ ДА СЕ СЛУЧИ!“ напиша тој.
Нилсен и претходно остро ја критикуваше реториката на Трамп, порачувајќи во јануари дека островот „не е на продажба“.
„Гренланд не сака да биде во сопственост на САД. Со Гренланд не треба да се управува од САД. Гренланд не сака да биде дел од САД“, изјави тогаш.
Иако Трамп повеќепати ја споменуваше можноста за преземање на Гренланд, засега не се објавени никакви формални воени планови.

